Islam Uddin
22 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Во земјотрес што го погоди источен Авганистан загинаа 280 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Потресите се почувствуваа во источните погранични покраини Хост и Пактика, објави државната новинска агенција Бахтар, додавајќи дека повредени се 595 лица.
Авганистанските власти соопштија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи десетици луѓе се во критична состојба.
„Имам трагични вести од мојата родна покраина Пактика, каде што стотици луѓе ги изгубија животите или се ранети во разорниот земјотрес. Домовите се уништени, а луѓето се под урнатините“, напиша на Твитер, Калид Задран, портпарол на полицијата во главниот град Кабул.
„Тимовите за помош од Кабул пристигнаа во областа и во тек е спасувачката работа. Сите хуманитарни организации треба да ја насочат својата помош во Пактика“, додаде тој.
Талибанските власти побараа и итна помош во областите погодени од земјотресот.
Видеоснимките и фотографиите коишто кружат на социјалните мрежи покажуваат куќи срамнети со земја во синоќешниот разорен земјотрес.