Bahattin Gönültaş
21 Јуни 2022•Ажурирај: 22 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека неговата земја ќе продолжи да испраќа оружје во Украина сè додека е потребно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на состанокот одржан во рамките на Денот на германската индустрија, Шолц рече дека санкциите на западните земји против Русија ѝ наштетиле на германската економија и компании, но дека овие санкции се важни.
Истакнувајќи дека Германија цврсто стои покрај Литванија и другите источни сојузници, германскиот канцелар рече: „Едно е сигурно, ќе продолжиме да испраќаме оружје во Украина сè додека ѝ е потребна нашата поддршка.“
Додаде дека Германија треба да ја спроведе својата „енергетска трансформација“, и дека како резултат на економската криза предизвикана од Ковид-19 и руско-украинската војна, употребата на обновливите извори на енергија пред сè е од јавен интерес.
Посочувајќи дека трансформацијата во енергетиката е од суштинско значење за суверенитетот и благосостојбата на населението, Шолц истакна дека тие ќе ја намалат бирократијата во Германија во однос на енергетската трансформација.
„Немаме повеќе време за одложување, 2022 година ќе биде година на одлуки“, додаде Шолц.
- „Во 2030, 80 отсто од производството на електрична енергија во Германија треба да потекнуваат од обновливите извори на енергија“ -
Германскиот канцелар нагласи дека трансформацијата во енергетиката ќе ја направи Германија да биде понезависна од фосилните горива и нестабилните цени на енергијата и ќе создаде доверба во планирањето на иднината на индустријата.
Тој исто така додаде во 2030 година 80 отсто од производството на електрична енергија во Германија и половина од греењето треба да потекнуваат од обновливите извори на енергија.
Во првиот период од руско-украинската војна, претпазливата политика на германската Влада кон испраќањето оружје во Украина, нагласувајќи дека „Германија традиционално не испраќала оружје во воените и конфликтните зони“, беше причина за да започне дебата во внатрешната политика и дискусии кај голем број сојузници во НАТО, особено САД и Велика Британија.
Се забележува дека Германија е повеќе зависна од руската нафта и природен гас од другите европски земји за да може да функционира индустријата и да ги загрее домовите.
Германија пред војната 55 отсто од своите потреби за природен гас ги обезбедуваше од Русија. Германија неодамна ја намали оваа стапка на 35 проценти.
Околу половина од домаќинствата во Германија се загреваат со природен гас, кој се користи за производство на електрична енергија во тешката индустрија.
Германската Влада, која напорно работи на намалување на енергетската зависност од Русија, наведува дека ѝ треба време да стане целосно независна од рускиот гас.
Владата се противи на итен прекин на испораките на гас од Русија, иако ги поддржува западните санкции против Москва.
Германија во минатото беше подложена на интензивни критики од администрацијата на Вашингтон поради нејзината зависност од руските енергетски ресурси.
Германската индустриска федерација во денешното соопштение исто така предупреди дека доколку се прекине природниот гас од Русија, ќе има неизбежна рецесија во економијата.