Michael Sercan Daventry
11 Февруари 2016•Ажурирај: 11 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Русија се надева дека ќе го одвлече вниманието од своите акции во Украина преку воздушната кампања која ја спроведува во Сирија, рече доцна синоќа украинскиот министер за надворешни работи, Павло Климкин, јавува Anadolu Agency (AA).
Климкин говореше во Кралскиот институт за меѓународни односи во Лондон, по скоро година дена откако Украина и Русија склучија договор за прекин на огнот попознат како Минск II.
„Целата таа ,вежба' на Блискиот Исток, како што гледам јас, претставува начин Русија и нејзиниот претседател да се вратат како играчи на меѓународната сцена.”
Украина, според зборовите на Климкин, „е потполно посветена на Минск бидејќи верува дека тоа е единствен начин кој води кон мир и правда.”
Запрашан да ја прокоментира одлуката на Русија за интервенција во знак на поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Климкин рече дека за „Путин е важно да го оттргне вниманието од она што се случува во Донбас.”
„Донбас беше средиште на судирите помеѓу украинските сили и проруските сепаратисти од 2014 година.”
Тој регион, тврди Климкин, го користи Русија со цел да ја дестабилизира Украина.
„Ним им е потребен Донбас за дестабилизација бидејќи за нив тој регион е еден вид внатрешен предизвик. Битен предизвик во смисла на тоа дека Украина може да стане обединета, демократска и европска земја. Тоа е некој вид ,хорор сценарио' за Путин, земјата да оди кон патот на Европската унија создавајќи демократски институции”, додаде украинскиот министер.
Украина има потреба од „слободни и фер” избори во регионот Донбас, но таквите избори тешко е да се обезбедат со оглед на состојбата на теренот.
„Можете ли да замислите било каков вид слободни и фер избори кога илјадници, буквално илјадници жители шетаат со калашњикови”, запраша Климкин.