Çağrı Koşak
18 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
ГАЗА (АА) - Млад брачен пар од Газа, кој пред само неколку дена вплови во брачните води, за само неколку секунди остана без никаков имот кога при израелски напад им е срушена куќата градена со години токму за овие младенци, пишува Агенција Анадолија (АА).
Всушност, 23-годишниот Мухамед Ебу Амра и неговата сопруга Мерве Ебу Амра останаа практично на улица, откако во средата навечер во напад на израелската војска останаа без куќата во местото Ел-Карара, Кан Јунус.
По нападот отидоа на местото каде што беше нивниот дом, но затекнале само рушевини, исечени дрвја и голема дупка.
Мухамед во разговорот со АА рече дека вложил голем труд за да изгради дом за себе и своето семејство, но само за еден миг сѐ се претворило во рушевини.
Истакна дека со години напорно работел и заштедил околу 20 илјади долари со кои купил мебел и сѐ останато што е потребно за куќата.
„Сега немаме ништо. Сонувавме за семеен живот како и секој младен брачен пар, но и тоа ни го зедоа“, рече овој Палестинец, напоменувајќи дека израелската војска изведува немилосрдни напади врз цивили кои не се вмешани во никакви воени активности.
Раскажа дека на неговиот татко ноќта пред нападот му порачале за три минути да ја напуштат куќата, што и го сториле заедно со другите соседи.
Додаде дека куќата набргу потоа е уништена во напад со беспилотно летало, напоменувајќи дека успеале да земат само облека и ништо друго.
„Привремено живееме кај соседите, а во текот на денот сме на местото каде што беше нашата куќа“, раскажа Мухамед, велејќи дека му е особено жал што неговата сопруга останала без венчалниот прстен и другите вредни подароци.
Мерве, неговата сопруга, во солзи раскажа дека израелската војска им го зела домот, но и среќата којашто само што ја започнале.
„Навистина ми е тешко. Сѐ уште не можам да верувам што ни се случи. Најголем дел од денот само плачам“, рече Мерве.
Во последните израелски воздушни напади во палестинската енклава Газа, која е под блокада на Израел, е причинета материјална штета во вредност од 1,3 милиони долари. Израелските сили во вторникот и средата изведоа жестоки воздушни напади во Газа и убија најмалку 34, а ранија 110 Палестинци.