Mahmoud Barakat
07 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Во текот на денешниот ден избувнаа жестоки судири меѓу силите со седиште во Источна Либија и владините трупи во предградијата на главниот град на Либија, Триполи, јавува Anadolu Agency (AA).
Според дописникот на АА, истрели од огнено оружје се слушаат во јужниот и централниот дел на Триполи поради судирите меѓу силите предводени од командантот Халифа Хафтар, кој се обидува да ја заземе контролата над главниот град, и силите лојални на Владата на национално единство, поддржана од ОН.
Локалните медиуми соопштија дека во тек се и судири во близина на стариот меѓународен аеродром во Триполи, кој беше заземен од страна на силите на Хафтар.
Сѐ уште нема информации за жртви.
Во четвртокот Хафтар започна воена кампања за враќање на Триполи од силите на Владата на национално единство кои ја имаат поддршката на ОН.
Либија стана средиште на превирања уште од 2011 година, кога бунтот поддржан од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот претседател на Либија, Муамер Гадафи, по четиридецениско владеење.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Ал Бајда, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи.