КАРАКАС (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, за време на митингот одржан во главниот град на оваа земја, Каракас, го повтори својот апел до опозицијата за дијалог, додека претседателот на Народното собрание, Хуан Гваидо, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, повторно упати апел до своите поддржувачи за излегување на улиците, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Венецуела, која се соочува со најсериозната политичка криза во својата историја, поддржувачите на Владата, како и опозицијата, излегоа на улиците и одржаа протести низ земјата.
Во два посебни митинга одржани во Каракас учествуваа илјадници граѓани на Венецуела, од опозицијата и оние кои се поддржувачи на Владата.
- Поддржувачите на Владата се собраа пред претседателската палата Мирафлорес -
Поддржувачите на Мадуро, со поддршка на владејачката партија на Венецуела, Партијата на обединети социјалисти, синдикатите и невладините организации, од различни места на градот маршираа кон претседателската палата Мирафлорес, каде што се одржа митинг, на кој учествуваше и венецуелскиот претседател Мадуро.
„Ја повторувам мојата доброволност и поддршка во насока на барање преговори, дијалог и договор за добробитта и иднината на Венецуела“, истакна Мадуро.
Укажувајќи на состанокот одржан во главниот град на Уругвај, Монтевидео, на кој присуствуваа и претставници на Европската Унија (ЕУ), Мадуро упати апел до претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, претседателот на Уругвај, Табаре Васкез и до претседателот на Боливија, Ево Моралес, да бидат посредници во оваа потрага за дијалог.
Мадуро, исто така побара другите претседатели на државите во светот да го подигнат нивниот глас за да се стави крај на агресивниот став на претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот кабинет против Венецуела.
„Народот на Венецуела не заслужува толкава омраза и агресија“, рече Мадуро, додавајќи дека колку и да се спроведуваат санкции, тие ќе постигнат победа.
- Ги обвини Колумбија и Чиле за прекините на електрична енергија -
Мадуро се осврна и на прекините на електрична енергија, тврдејќи дека последниот прекин бил предизвикан од кибернападите изршени од Колумбија и Чиле.
Претседателот на Венецуела нагласи дека ќе продолжат да се борат против прекините не електрична енергија и проблемите со водоснабдување. Тој од народот побара да биде трпелив.
Владиниот план за развој ратификуван од страна на Конститутивното национално собрание (ANC) беше предаден на Мадуро за време на овој митинг, од страна на претседателот на ова собрание и прв потпретседател на Партијата на обединети социјалисти, Диосдадо Кабело.
- Митинг на опозицијата -
Поддржувачите на опозицијата кои го поддржуваат новиот план на Гваидо за улични демонстрации, поддржан од САД и наречен „Операција за слобода“, маршираа од подрачјата на Сукре, Барута, Либертадор и Чакао во Каракас, кон митингот одржан во подрачјето на Ел Маркес.
Гваидо имаше свое обраќање на митингот, во кое нагласи дека овој марш, покрај протестирање против прекинот на електрична енергија и водоснабдувањето, се одржа и со барање за оставка на Владата.
Гваидо рече дека в среда ќе преминат на друга фаза од „Операцијата за слобода“, упатувајќи апел до поддржувачите на опоцизијата за повторно одржување демонстрации низ земјата.
Тој моторизираните групи познати како „Colectivos“, кои се поддржувачи на Владата на Венецуела, ги опиша како „терористички и паравоени сили“, и тврди дека оваа група е вооружена и дека не може да се нарече поинаку.
Гваидо ја критикуваше посетата на министерот за надворешни работи на Венецуела, на Сирија. „Мислат дека ќе нѐ исплашат, состанувајќи се со вршители на геноцид како Сирија“, додаде тој.