Неуспешната хуманитарна интервенција во Венецуела наметнува многу прашања
- Краток преглед на политичката криза која во Венецуела, од страна на уредникот на сервисот на АА на шпански јазик, Даниел Салгар Антолинес, која започна на 10 јануари, откако Мадуро положи заклетва и го започна вториот мандат на чело на државата
БОГОТА (АА) - Даниел САЛГАР АНТОЛИНЕС
Челникот на опозицијата и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се повика на три члена на Уставот и се прогласи за привремен шеф на државата. Го нарече грабливец актуелниот претседател на земјата, Николас Мадуро, и започна кампања за рушење на легалната власт. Таквиот план на опозицијата ги обедини силните сојузници и привлече медиумско внимание, но и понатаму нема видливи резултати, јавува Anadolu Agency (AA).
Уредникот на сервисот на АА на шпански јазик, Даниел Салгар Антолинес, напиша краток преглед на политичката криза која во Венецуела започна на 10 јануари, откако Мадуро положи заклетва и го започна вториот мандат на чело на државата, а опозицијата започна да организира масовни протести на улиците.
Првиот дел на стратегијата на венецуелската опозиција беше борба за поддршка на меѓународен план. Најмалку 50 држави го признаа Гваидо како привремен претседател на Венецуела. Тоа е значајна поддршка, но и понатаму далеку од мнозинството во ОН, кое го имаат 193 членки. Гваидо не го поддржуваат Кина и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност. Младиот водач на венецуелската опозиција ја извојува поддршката на земјите на ЕУ и САД, но сè уште е далеку од остварување на целта на меѓународната сцена да се сруши легитимитетот на претседателот Мадуро.
Паралелно со борбата на Гваидо и Мадуро за доминација на меѓународно ниво, сигурно е дека во Венецуела постои проблем на легитимитетот и распределбата на моќта. Гваидо за привремен претседател го смета само законодавната власт, додека останатите четири столба на државата стојат со Мадуро. Мадуро ја има поддршката на извршната власт, судството, изборниот систем и граѓаните, како и Венецуелските вооружени сили.
Вториот дел на стратегијата на Гваидо е планот во Венецуела да се достави хуманитарна помош преку копнените граници со Колумбија и Бразил и морскиот пат преку Порторико и Куракао. Повеќе од 600 тона помош претежно пристигна од САД и Чиле, а во Венецуела требаше да влезе на 23 февруари. Владата на Мадуро ја одби помошта, но опозицијата беше истрајна во намерата да ја внесе помошта во земјата.
- Разлика меѓу ветувањата и реалноста
Парламентарците од редовите на венецуелската опозиција на 22 февруари одржаа прес-конференција во пограничниот колумбиски град Кукута. Објавија дека голем бран луѓе ќе ја преминат границата заради увоз на хуманитарна помош во Венецуела.
Парламентарците Габи Арелано и Хосе Мануел Оливарес рекоа дека тоа ќе бидат мирни демонстрации и дека демонстрантите во бела облека ќе го следат преминувањето на конвоите со помош преку границата. Ја уверуваа јавноста дека сè е добро испланирано и дека на секој мост на реката која ги раздвојува Колумбија и Венецуела ќе бидат претставниците на опозицијата, кои координирано ќе ги отворат граничните премини.
Стотици новинари на 23 февруари дојдоа да го следат мирниот марш преку колумбиско-венецуелската граница, но ситуацијата на терен беше сосема поразлична. Наместо демонстранти со голи раце во бело, се насобраа маскирани момчиња кои фрлаа камења и Молотови коктели на Боливарската револуционрна гарда. Гардистите интервенираа користејќи солзавци и гумена муниција.
Иако ден претходно речиси сигурно се чинеше дека Боливарската гарда е подготвена да ги пушти конвоите, по избивањето на инцидентите беше јасно дека тоа нема да се случи. Зарем која било земја би дозволила премин на границата по инцидентите и нападите од страна на неконтролирана група цивили? Гваидо и неговите сојузници со посредство на медиумите тврдеа дека гардистите употребила сила над мирните демонстранти, иако на сите им е јасно дека реакцијата на Гардата на инцидентот беше умерена и со употреба на адекватни средства, односно без огнено оружје.
Групи млади напаѓачи предизвикуваа инциденти и судири на мостовите „Симон Боливар“ и „Франсиско де Паула Сантандер“ речиси седум часа, а колумбиската полиција мирно ги следеше. Се поставува прашањето зошто колумбиските власти дозволија младите напаѓачи, главно малолетници, да ги изложат своите животи на ризик и да ја нападнат соседната држава. Зошто колумбиските сили беа пасивни и гледаа како млади луѓе се ранети во дожд од солзавци?
Треба да се напомене и дека се зборуваше дека на венецуелската граница дејствуваат вооружени групи цивили, но не се забележани инциденти со трагични последици.
Тој ден во Венецуела не влезе никаква хуманитарна помош, а за време на нередите се повредени најмалку 285 лица. Запалени се два камиони на мостот „Франсиско де Паула Сантандер“. Не е познато кој е одговорен за тоа.
- Улогата на лидерите на венецуелската опозиција
Со анализата на настаните се поставуваат низа прашања за улогата на опозицијата во нередите што се случија на 23 февруари. Иако со полна уста го најавуваа доставувањето помош во Венецуела и предводењето на конвоите, на местото на инцидентот имаше само неколку опозиционери. Не успеаја да ја контролираат ситуацијата. Забележано е и како организаторите на најавениот мирен конвој им делеа на напаѓачите маски и ги поттикнуваа на напади на граничните сили. Сето тоа е спротивно на најавите за мирен марш на луѓето облечени во бело.
Предводникот на опозицијата, Гваидо, напладне тој ден се качи на еден од 14-те камиони и позираше за фоторепортерите, а потоа отиде и не се појави до вечерта, кога се обрати на новинарите. Не стори ништо за да ја спречи ескалацијата на немирите, а не го исполни ниту ветувањето за доставување помош во Венецуела.
Може со сигурност да се каже дека Гваидо не успеа во намерата да биде водач на опозицијата, кој требаше да ја координира операцијата за доставување помош во Венецуела. Нејасно е како самопрогласениот претседател на Венецуела, Гваидо, ѝ одобри на групата момчиња да ја нападнат неговата земја. Се поставува прашањето зошто Гваидо не излезе мирно и не им нареди на Венецуелските вооружени сили да ги пуштат хуманитарните конвои преку границата. Зарем тоа не беше фотографијата која јавноста сакаше да ја види?
- Хуманитарна помош?
Една од дискусиите е околу тоа дали помошта која е планирана да биде испратена во Венецуела, ќе се нарекува „хуманитарна помош“.
Што се однесува од аспектот на човековите права, со цел една помош да се смета за „хуманитарна помош“, таа треба да се организира според принципите на независност, неутралност и непристрасност. Таа целосно треба да се изврши со хуманитарни цели, и да се подготви според претходно определени потреби. Помошта која има цел да се испрати во Венеуела, не беше согласно условите за кои станува збор. Дури, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Обединетите нации (ОН) истакнаа дека поради тоа што содржината на помошта од 23 февруари е политизирана, тие нема да ја сметаат за „хуманитарна помош“, и соопштија дека нема да учествуваат во активностите за доделување на помошта.
Состојбата на терен беше многу далеку од вистински хуманитарен гест што се прави за лицата кои имаат потреба за помош. Тоа беше една демонстрација, чија цел е да се понижи постоечкиот претседател Николас Мадуро пред светските медиуми, и тој да се прогласи за нелегитимен. На крајот на денот Гваидо прогласи победа, но не затоа што успеа да ја додели помошта, туку затоа што светската јавност беше сведок на репресивната страна на Мадуро. Тогаш, која беше вистинската цел на оваа „хуманитарна помош“?
Ако целта беше да им се помогне на милиони Венецуелци кои се погодени од сиромаштија и хиперинфлација, тогаш операциите за хуманитарна помош ќе се одвиваа на друг начин, и ќе можеше да се избегнат насилните настани. Всушност, колку Мадуро и да не ја прифаќа хуманитарната криза во неговата земја, и да не прифаќа да се отворат коридорите за хуманитарна помош, бројни хуманитарни организации на различни начини продолжуваат да испраќаат помош во Венецуела, а додека го прават тоа, успеваат да останат анонимни, и да стигнат до вистинските лица што имаат потреба.
- Бегството на војниците на Венецуела
Ако постои можна победа против Мадуро во овој круг, тоа е случајот каде што војниците ги напуштија Вооружените сили на Венецуела, ја преминаа границата и од властите во Колумбија побараа заштита.
Лидерот на опозицијата во Венецуела го повтори својот апел до венецуелските војници да се ставаат себеси на праведната страна на историјата.
Според властите во Управата за миграција во Колумбија, од 23 до 27 февруари најмалку 570 припадници на безбедносните сили во Колумбија ја напуштиле нивната работа.
Според податоците објавени на интернет-страницата на Министерството за одбрана, оваа бројка е релативна, но бегствата не претставуваат ниту 1 отсто од воената структура на Боливарските национални вооружени сили, кои имаат од 95.000 до 150.000 активни борци.
Индивидуалните одлуки можат да упатат некои пораки до Мадуро, но тие ниту ја доведоа во прашање институционалната позиција на вооружените сили кои останаа на страната на Мадуро, ниту пак го поттикнаа воениот пуч и режимските промени кои ги очекуваат Гваидо и неговите сојузници.
Исто така, поголемиот дел од војниците во бегство немаат висок чин. Според Колумбија, тоа значи напор за обезбедување заштита во земјата за војниците во бегство, кои изгледа дека не се во можност да обезбедат значајни разузнавачки информации со цел да се обезбеди силна предност против Мадуро.
[ Даниел Салгар Антолинес работи како главен и одговорен уредник на сервисот на Anadolu Ajansı (AA) на шпански јазик ]
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.