Dildar Baykan
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
САНТЈАГО (АА) - Во Венецуела, каде што се организираат протести против владата, донесена е одлука за зголемување на бројот на припадниците на милициите, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, на говорот што го одржа за време на прославата за 7-годишнината од формирањето на Боливарските милиции, соопшти дека го одобрил планот со кој бројноста на припадниците на милициите во земјата од 100.000 ќе се зголеми на 500.000 припадници.
Претседателот Мадуро истакна: „Им гарантирам на милициите дека ќе ја добијат потребната обука и ќе им биде обезбедено трајно распределување. На тој начин, милициите ќе можат да ги бранат своите соседи, територијата и државата. Целта на оваа иницијатива е да ги заштитиме нашето крајбрежје, реките, шумите, градовите и населените места од какви било интервенции”.
Во 2008 година, тогашниот претседател на Венецуела, Хуго Чавез ги формираше Боливарските милиции со цел да им помогнат на вооружените сили против внатрешните и надворешните закани. Со новата одлука, во 24 држави на Венецуела ќе бидат испратени нови вооружени членови на милициите.
По одземањето на ингеренциите на Конгресот пред две недели, во земјата започнаа протести, кои се распламтија откако минатата недела на опозицискиот лидер Енрике Каприлес му беше изречена 15-годишна забрана за учество на претседателските избори. Во протестите, животот го загубија 6 лица, а 17 беа повредени.
Врховниот суд на Венецуела, поради непочитување на претходната судска одлука, на 31 март донесе одлука за одземање на ингеренциите на Конгресот. Опозицијата сметаше дека со оваа одлука државата се води по пат од кој нема враќање и народот излезе на улиците на главниот град Каракас.
По реакциите, судот на 1 април ја повлече одлуката. И покрај тоа, народот продолжува да протестира со барање за предвремени избори.
Државите Колумбија, Аргентина, Бразил, Чиле, Коста Рика, Гвателама, Хондурас, Мексико, Парагвај, Перу и Уругвај во своите писмени обраќања до владата на Венецуела и опозицијата којашто организира протести, упати апел за разумност и воздржаност.
Во писменото обраќање, од владата на Венецуела се бара да го одреди датумот за предвремени избори, како решение за политичката криза во земјата којашто „влијае на целиот регион“.