Ekipa
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
САНТИЈАГО (АА) - Венецуелската влада вчера објави вонредна состојба во државата која ќе трае 60 дена. Мерките беа најавени во петокот од страна на претседателот Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
Мандатот ѝ дaва доволно време на владата да консолидира доволно енергија, меѓу другото, и за справување со наводниот пуч планиран од страна на странска земја, вклучувајќи ги и САД, како и учеството на поранешниот колумбиски претседател Алваро Урибе, којшто Мадуро го обвини за обид да го тргне од власт.
Според опозицијата, којашто ги окарактеризира мерките како „нелегални”, преку мерките може да се ограничи правото на протест, правото на собирање а исто така може да се издаде наредба за апсења и рации без судска наредба.
Мерките мора да се достават до Парламентот за одобрување, каде што опозициските законодавци имаат мнозинство. Врховниот суд на правдата контролиран од страна на власта, мора да ја одобри нивната уставност.
Опозициските лидери се залагаат за одржување на референдум кон крајот на годината, преку кој може да се стави крај на власта на Мадуро и да се распишат нови избори.
Администрацијата на Мадуро се соочува со голема економска и политичка криза, а големата криза со електрична енергија поттикна протести низ земјата.
Во саботата, владата го отфрли барањето на опозицијата за референдум.
„Мадуро нема да биде тргнат од власт, ниту со референдум ниту пак со нешто друго”, рече потпретседателот Аристобуло Истуриз.
Опозицијата тврди дека вонредната состојба се воведува само да се одложат потребните чекори за поттикнување на гласање за отповикување на Мадуро, што може да доведе до негово разрешување од функцијата.
Белата куќа вчера ја изрази својата загриженост за „ужасната” состојба во Венецуела.