AP
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
ПАРИЗ (AA) - Меѓународната конференција во Париз на која е целта повторно да се покрене израелско-палестинскиот мировен процес ќе биде одложена за да на истата може да присуствува и американскиот државен секретар Џон Кери, соопшти францускиот претседател Франсоа Оланд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата првобитно е планирана за 30 мај, но Кери нема да биде во можност да отпатува во Париз тогаш, рече Оланд за радио "Europe 1", но не откри нов датум на одржување на собирот.
„Ќе создадеме, со сите актери и соседни земји, параметри кои ќе им овозможат на Израелците и Палестинците да се вратат на преговарачка маса", изјави Оланд.
Париз планира да биде домаќин на собирот на кој ќе учествува блискоисточниот мировен квартет (САД, Русија, ЕУ и ОН), Арапска лига, Советот за безбедност на ОН и министрите на дваесеттина држави. Претставниците на Израел и Палестина не се поканети.