Emel Öz Gözellik
23 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
КАРАКАС (АА) - Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, објави одлука за протерување на американскиот вршител на работи во Венецуела и неговиот заменик поради, како што наведе тој, „подготвување заговор против Владата на неговата земја“, јавува Anadolu Agency (AA).
Мадуро на американските дипломати Тод Робинсон и Брајан Нарањ им одреди рок од 48 часа за да ја напуштат земјата.
За време на телевизиско обраќање, Мадуро истакна дека американските санкции претставуваат навреда за националното достоинство на Венецуела и предизвикуваат страдање на многу луѓе.
Министерството за надворешни работи на Венецуела претходно соопшти дека новите американски мерки со кои на Владата на Венецуела ѝ се ограничува можноста за продажба на имот и долг во САД се крајно илегални.
Напнатоста меѓу САД и Венецуела се зголеми по победата на Мадуро на претседателските избори, коишто Белата куќа ги нарече дека се измама.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник потпиша извршна уредба со која на американските државјани им се забранува откуп на долг за да се лиши Венецуела од готовината.
САД уште претходно воведоа санкции за шеесетина високи официјални претставници на Венецуела, меѓу кои и за претседателот Мадуро кој го нарекуваат „диктатор“.