Ömer Aydın
23 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
ПАРИЗ (АА) - Француската полиција се судри со демонстрантите во Париз, откако синдикатите, незадоволни од намалувањето на платите во јавниот сектор и политиката на реформи на претседателот Емануел Макрон, ги повикаа работниците да прекинат со работа и да се придружат на протестите низ земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата во центарот на Париз користеше палки, шок-бомби и солзавец против демонстрантите, а демонстрантите уништиле две продавници и автобуска станица.
Протестите се одржаа во вкупно 180 градови, а само на улиците на француската престолнина се собраа над 30.000 лица.

Министерството за внатрешни работи наведе дека протестите се одржани на 180 локации низ земјата, на кои се собраа вкупно 135.000 лица, додека синдикатите тврдат дека бројот на учесниците на протестите бил двојно поголем.
Полицијата подоцна соопшти дека се сослушани или приведени вкупно 20 демонстранти.
Вработените во јавниот сектор во Франција стапија во штрајк поради незадоволство со владиниот план до 2022 година да се укинат 120.000 работни места.

Преку заеднички повик, девет синдикати бараат зголемување на платите и оспорување на сè почестата практика на краткорочни договори за кадрите во јавниот сектор.
Ова е трет штрајк на вработените во јавниот сектор во Франција од минатогодишното доаѓање на Емануел Макрон на функцијата претседател на таа земја.
За време на предизборната кампања Макрон вети намалување на јавната потрошувачка и ревидирање на Законот за работа во Франција.
Француската Влада преговара со претставниците на синдикатите и најавува дека реформите на Законот за работа ќе бидат на дневен ред наредната година.