Michael Hernandez
22 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, вчера воведе нови санкции за Венецуела, откако претседателските избори во таа земја ги нарече измама, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новите економски санкции ги ограничуваат американските државјани и поединци кои престојуваат во САД да купуваат имоти во државна сопственост на Венецуела или да бидат учесници во финансиски трансакции во кои венецуелската Влада учествува со повеќе од 50 отсто.
„Тие пари му припаѓаат на народот на Венецуела“, истакнува Трамп во соопштението и додава:
„Го повикуваме режимот на Мадуро да ја врати демократијата, да одржи слободни и фер избори, веднаш да ги ослободи сите политички затвореници, и да ѝ стави крај на репресијата и економската сиромаштија на народот на Венецуела“.
Венецуела сѐ уште се бори со економската криза која доведе до политичка нестабилност во земјата. Масовните протести и недостатокот на храна се дел од проблемите со кои се соочува претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кој на изборите во неделата го освои својот втор мандат.
Претседателот на Државниот изборен совет, Тибисај Луцена, соопшти дека претседателот на Венецуела, Мадуро (55), на изборите освоил 5,8 милиони гласови односно 68 отсто од гласовите. Противкандидатот на Мадуро, Енри Фалкон, освоил 1,8 милиони гласови или 21,2 отсто. По објавувањето на изборните резултати, Фалкон на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека не ги признава резултатите и ги прогласи за нелегитимни.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс ги отфрли изборните резултати во Венецуела, нарекувајќи ги измама.
„Незаконските резултати на овој лажен процес се дополнителен удар на демократската традиција во Венецуела“, изјави Пенс.
Мадуро за првпат ја презеде претседателската функција во 2013 година по смртта на неговиот претходник Уго Чавез. Мадуро ќе биде на чело на Венецуела до 2025 година.