Abdullah Aşıran
22 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
ХАГ (АА) - Министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ел-Малики, го поднесе до Меѓународниот кривичен суд (МКС) досието за еврејските населени места, како и за Израелците кои вршат воено злосторство, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Малики, на прес-конференцијата која ја одржа по поднесување на досието до МКС, истакна дека денес направиле еден историски чекор за осигурување правда за Палестинците кои сè уште се изложени на злосторства кои се вршат на систематски начин.
„Со досието кое го поднесовме до главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Фату Бенсуда, побаравме да се спроведе истрага веднаш, без одложување. Во досието постојат доволни докази за извршените злосторства. Овој чекор го направивме за Палестинците кои преживуваат болка поради злосторствата кои ги врши Израел без да биде казнет“, нагласи тој.
„Во досието кое го поднесовме се наоѓаат сите злосторства извршени на териториите и границите на Палестина, вклучувајќи го и Источен Кудс (Ерусалим) и Појасот Газа. Постојат докази, особено и за бруталниот напад извршен на Маршот на големото враќање. Нема да дозволиме оваа неправда да биде иднината на Палестина“, истакна Малики, и додаде дека се подготвени да помагаат и да дадат целосна поддршка во истрагата.