Hakan Çopur
22 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Пенс, изјави дека доколку Северна Кореја не постигне договор со САД околу нуклеарната програма, тогаш нејзината судбина би можела да биде како онаа на Либија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мајк Пенс во интервјуто за американскиот телевизиски канал „Fox News“ даде остри изјави за Северна Кореја.
„Минатата недела имаше одредени разговори околу моделот на Либија. По ова прашање, како што тоа отворено го кажа претседателот Трамп, доколку Ким Џонг Ун не направи договор, во таква ситуација, таа (Северна Кореја) ќе заврши според либискиот модел“, истакна Пенс.
- Дебата за либискиот модел -
Телевизискиот водител потсети дека споредбата со Либија кај раководството од Пјонгјанг се перципира како еден вид закана, а на прашањето „Дали е тоа закана?“, американскиот потпретседател одговори: „Според мене, тоа е голема реалност“.
Во врска со изјавата на Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Белата куќа, по предлогот за „Либискиот модел“, минатата недела даде образложение американскиот претседател, Доналд Трамп, кој истакна дека не сака да потпише договор за нуклеарна програма со Пјонгјанг каков што потпиша со Либија во 2003 година тогашниот претседател на САД, Џорџ В. Буш.
Трамп, кој го одби предлогот на советникот Болтон за „Либискиот модел“, во врска со договорот изјави: „Моделот на Либија беше нешто многу поинакво. Во голема мерка ние ја уништивме Либија. Немаше договор според кој Гадафи требаше да остане на власт. Доколку (со Северна Кореја) не постигнеме договор, тогаш таквиот модел би можел да дојде на дневен ред“.
- Северна Кореја е лута -
Додека изјавата за „моделот на Либија“ сѐ уште има негативни реакции во Северна Кореја, постојат размислувања дека нејзиното повторно поставување на дневен ред од страна на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, само ќе ги распламти дискусиите.
Американскиот претседател Трамп во врска со средбата со Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, планирана за 12 јуни, минатата недела изјави: „Засега ништо не видовме, ниту чувме. Не е испратено ниту соопштение до нас. Ќе видиме што ќе се случи.“
Северна Кореја, заедничката воена вежба на САД и Јужна Кореја ја окарактеризира како провокација и ги прекина преговорите на високо ниво со Јужна Кореја, додавајќи дека тоа може да го доведе во ризик одржувањето на планираната средба меѓу Трамп и Ким.