Bayram Altuğ
28 Февруари 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, упати апел за овозможување хуманитарен пристап до бегалскиот камп Рукбан кој е под контрола на меѓународната коалиција предводена од САД и сите места што се наоѓаат во околината на Ел Танф во јужниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Веруваме дека е неприфатлива поделбата на добри и лоши терористи. Русија упорно ќе продолжи да се бори против валканата практика на двојни стандарди“, истакна Лавров за време на неговиот говор на 37. седница на Советот за човекови права на ОН, што се одржува во седиштето на ОН во Женева.
Лавров рече дека во тие рамки Русија ќе ја продолжи поддршката за војската на режимот во Сирија.
„Денес, сирискиот народ се соочува со најужасната хуманитарна криза“, нагласи Лавров, и рече дека и покрај тоа што Русија и сирискиот режим објавија отворање на хуманитарен коридор за евакуација на цивилите од Источна Гута, тоа било спречено од страна на опозицијата во тоа подрачје.
Лавров тврди дека опозицијата во Источна Гута врши артилериски напади врз Дамаск и дека се спречува доставувањето на хуманитарната помош и евакуација.
Упатувајќи апел да се дозволи хуманитарен пристап до бегалскиот камп Рукбан и сите места што се наоѓаат во околината на Ел Танф, Лавров побара за градот Рака, којшто е препуштен на милост на коалициските сили и е претворен во купишта урнатини како последица од бомбардирањата, да се формира заедничка мисија од страна на ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC),
Лавров нагласи дека борбата против меѓународниот тероризам треба да се води во согласност со меѓународното право и националното законодавство. „Во овој контекст, ние сме сериозно загрижени од одлуката на администрацијата на САД со која се инсистира да се држи отворен нелегалниот затвор во Гвантанамо, каде што затворениците не се осудуваат и постојано се изложени на тортура“, додаде Лавров.
37. седница на Советот за човекови права на ОН ќе продолжи до 23 март.