Muharrem Cin
05 Ноември 2026•Ажурирано: 05 Ноември 2026
Осум парчиња леб, јагленисани во пожар пред околу 5.000 години, се откриени за време на спасувачките ископувања на локалитетот Могила Сејитомер во западната турска област Кутахија, јавува Анадолу.
Ископувањата на оваа могила, која се наоѓа во рамките на комплексот на термоелектраната, беа започнати со цел да се овозможи економско искористување на резервите на лигнит што се наоѓаат под неа.
Работите ги изведува Дирекцијата на музејот во Кутахија, под надзор на археологот Севги Гурдал.
Гурдал, која е и директорка на Археолошкиот и рударски музеј во Кутахија, за Анадолу изјави дека ископувањата продолжуваат во слоевите што спаѓаат во средното и раното бронзено време.
Таа наведе дека за време на минатогодишните ископувања истражувачите откриле печка во една просторија, како и остатоци од полици покрај еден од ѕидовите.
Според Гурдал, наодите датираат од пред речиси 5.000 години, односно од првата четвртина на раното бронзено време.
„За време на ископувањата пронајдовме осум јагленисани парчиња леб меѓу носачите на полиците, во делот од просторијата каде што се наоѓала печката“, рече Гурдал.
„Исто така, околу лебот откривме остатоци од пченица и леќа“, додаде таа.
Ова откритие привлече посетители во локалниот музеј.