Ekipa
28 Февруари 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во Ерусалим (Кудс) утрово беше отворена Базиликата на Светиот гроб, која во последните три дена беше затворена, во знак на протест поради новите израелски даночни мерки и предлог-законот за имотот на црквата, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на муслиманското семејство Џудех кое со векови е надлежно да ги чува клучевите на Базиликата, Едих Џавад Џудех, за АА изјави дека одлуката да се затворат и отворат најсветите места на христијаните во окупираниот Ерусалим (Кудс) ја донеле црковните поглавари.
Базиликата беше затворена во неделата, а израелската Влада вчера соопшти дека го замрзнала контроверзниот план за воведување даночни мерки и законски одредби од кои се незадоволни црковните поглавари.
Поглаварот на грчката православна црква, Теофилос III, синоќа соопшти дека Базиликата ќе биде повторно отворена откако од Канцеларијата на израелскиот премиер пристигна соопштение за укинување на контроверзната мерка.
Теофилос III, исто така, рече дека повлекувањето на израелската Влада од спорниот план не е резултат на какви било преговори, и дека раководството на црквата се надева дека ова е чекор за ставање крај на нападите врз црквата.
Црковните поглавари остро се спротивставија на потегот на израелските власти кои неодамна воведоа нови даноци на недвижностите во сопственост на црквата, како и против нацрт-законот со кој сопственоста на недвижностите на црквата би била загрозена.
Со Базиликата на Светиот гроб во Кудс (Ерусалим) управуваат Грчката православна, Ерменската апостолска и Католичката црква. Во окупираниот Ерусалим живеат помеѓу 10.000 и 12.000 христијани, а Базиликата се смета за едно од најважните христијански места во светот.