Fuat Kabakcı
17 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
АНКАРА
По судирите во граничното подрачје во кои животот го загубија десетици војници, Кина се согласи на мирно разрешување на проблемот околу границата со Индија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Чао Личиен, на вонредната прес-конференција одржана во главниот град Пекинг зборуваше за синоќешните судири на кинеско-индиската граница.
„И двете страни се согласија да го решат ова прашање по пат на дијалог и преговори, да ги намалат тензиите во пограничното подрачје со цел да обезбедат мир и спокојство“, рече Чао, тврдејќи дека конфликтот се случил по провокацијата и нападот од страна на индиските војници.
Истакнувајќи дека кинеската Влада упатила протестна нота до Владата во Њу Делхи поради судирот, Чао рече: „Уште еднаш од Индија бараме да дејствува во согласност со нашиот компромис, да ги дисциплинира своите трупи во пограничниот регион да не ја преминуваат границата и да не преземаат еднострано дејствување и провокации, со што ситуацијата можат да ја направат уште посложена.“
И покрај фактот што Индија го објави бројот на загинати и повредени по тензиите на границата, од кинеската страна не се дадени никакви информации на оваа тема.
- Тензијата околу правата за суверенитет се зголемија во 2017 година
Индиските власти објавија дека на почетокот на мај кинеските војници влегле во регионот Ладах од три правци, поставувајќи шатори и воени пунктови.
Во соопштението беше наведено дека војниците ги игнорирале на повеќепати упатените вербални предупредувања да го „напуштат регионот“.
По конфликтот меѓу војниците на двете земји во подрачјето источно од регионот Ладах и провинцијата Сиким, очите на светската јавност беа свртени кон овој регион.
Индија и Кина распоредија дополнителни безбедносни сили околу Демкок, Чумар, Даулат Бег Олди, долината Галван и езерото Пангонг Цо во Ладах.
Кинеските трупи поставија околу 100 шатори во долината Галван, зголемувајќи го бројот и на патролни чамци во езерото Пангонг Цо.
Голем дел од границата меѓу Кина и Индија во должина од 3.500 километри предизвикува дискусии за суверенитетот меѓу двете држави.
Додека администрацијата во Пекинг тврди дека има право на 90.000 квадратни километри површина во државата Аруначал Прадеш на Индија, која ја нарекува „Јужен Тибет“, администрацијата во Њу Делхи тврди дека Кина ја окупирала висорамнината Аксаи Чин со површина од 38 илјади квадратни километри.
Иако страните не ги решија постоечките спорови околу суверенитетот, и покрај преговорите што траеја низа години, во последно време споменатиот проблем е причина за зголемување на тензиите на линијата Пекинг-Делхи.
Напнатоста поради правата на двете земји врз суверенитетот на границите, исто така, беше зголемена во 2017 година.