Fuat Kabakçı
27 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
ПЕКИНГ (АА) - Фуат Кабакчи - Националната библиотека на Кина со архива од преку 35 милиони книги, ракописи и историски материјали е најголема во Азија, пишува Anadolu Agency (AA).
Таа е основана во Пекинг помеѓу 1909 и 1912 година, кога на чело на Кина се наоѓала династијата Кинг.

Повеќе од пет милиони луѓе годишно ја посетуваат оваа библиотека.
Оваа установа имала неколку имиња низ историјата, а нејзиното сегашно име го добила во 1998 година.
Просториите на библиотеката зафаќаат површина од 140.000 квадратни метри со што се смета за една од најголемите во светот. Освен со својата богата градба, библиотеката привлекува голем број посетители и со екстериерот и ентериерот.

Во библиотеката, покрај многуте читални, има и изложбени салони и конференциски сали.
Дигиталната библиотека е отворена во 2004 година и на многу истражувачи им нуди увид во гигантската архива. Количината на податоци во дигиталната библиотека е околу 1.323 терабајти, а секоја година добива 100 терабајти нови податоци.
Секоја година архивата на Националната библиотека на Кина е побогата за илјадници дела. Според податоците од 2016 година, библиотеката содржи повеќе од 35 милиони дела на 115 јазици.

Токму оваа архива ја става библиотеката на седмо место по големина во светот. Најстарото дело потекнува од периодот на раните 3000-ти години пред новата ера, а станува збор за документ за железниот оклоп кој се смета за вредно културно наследство на Кина.
Споменатиот ракопис бил пронајден за време на археолошките истражувања во градот Јин, кој бил главен град на династијата Шанг. Остатоците од Јин денес се наоѓаат во градот Анјанг.

Националната библиотека на Кина има зајакнати безбедносни мерки. Така посетителите уште на влез се подложени на безбедносна контрола, а не е дозволено да се носат ранци и торби со одредена големина. Чантите се оставаат во заклучени шкафови надвор од библиотеката, а на посетителите не им е дозволено да внесуваат книги, списанија и весници.