Mahmut Atanur
07 Јануари 2018•Ажурирај: 08 Јануари 2018
ЏАКАРТА (АА) - Махмут Атанур -
Пандите кои пред неколку месеци Кина ги прати во дипломатска мисија во Индонезија, имаат посебен третман. Пандите Ху Чун и Чаи Тао се наоѓаат во „Палатата за панди“, која во рамките на зоолошката градина во градот Богор е изградена посебно за нив, пишува Anadolu Agency (AA).
Комплексот зазема површина од 5.000 квадратни метри, а посебно внимание е посветено на низа фактори со цел пандите за време на нивниот престој да се чувствуваат што е можно подобро.

На изградбата на комплексот потрошени се околу 4,5 милиони долари, а постои и посебна клиника за панди, за чие здравје, хигиена и спиење се грижат експерти.
Палатата секој ден можат да ја посетат одреден број на луѓе кои имаат можност да купат сувенири, а во угостителскиот објект кој се наоѓа во близина, можат да ги пробаат и специјалитетите на кинеската кујна.
Парот Ху Чун и Чаи Тао во Индонезија ќе престојуваат десет години, а нивното младенче кога ќе наполни четири години ќе биде пратено назад во Кина.

Испраќањето на панди во дипломатска мисија е практика која Кина ја спроведува веќе подолг временски период. Станува збор за дарување големи панди со цел воспоставување на дипломатски односи и како знак на добра волја.
Директорот за зоолошката градина „Таман Сафари“, Џансен Манансанг, изјави дека „Таман Сафари“ со доаѓањето на пандите е претворена во меѓународна зоолошка градина.
„Најважни работи за пандите се исхраната и природното живеалиште. Овој комплекс го уредивме со големо внимание за да се чувствуваат како да се во природно живеалиште. Настојуваме да им овозможиме сѐ, од бамбуси со кои се хранат, до грижа за здравјето“, додаде тој.

Кина на 28 септември испрати две големи панди во дипломатска мисија во Индонезија, во рамките на одбележувањето на шест децении од билатералните односи и јакнењето на пријателството меѓу народите на двете земји.
Кина има испратено 50 панди во дипломатски мисии ширум светот, од кои 12 во САД, осум во Јапонија, четири во Сингапур, три во Малезија и Шпанија, и по две во Велика Британија, Франција, Германија, Белгија, Австрија, Канада, Австралија, Холандија, Тајланд и во Индонезија.
Пандите се загрозен вид и се претпоставува дека во светот моментално има вкупно 1.600 панди. Кина спроведува посебни проекти за заштита на тој вид, кој е на работ на исчезнување поради загрозеноста на нивните природни живеалишта.