Adham Kako
07 Јануари 2018•Ажурирај: 08 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во таа земја минатата година биле убиени 112 припадници на медицински и спасувачки екипи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Сириската мрежа се наведува дека во нападите настрадале припадници на Цивилната заштита (Бели шлемови) и активисти на Црвената полумесечина на Сирија. Се истакнува дека настрадале 64 здравствени работници и 44 припадници на спасувачките екипи на Цивилната заштита, како и четворица активисти на Црвената полумесечина.
Во нападите на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башад ал-Асад, загинале 51 лице, од кои 32 здравствени работници, 18 членови на Цивилната заштита и еден активист на Црвената полумесечина.
Исто така, во нападите на руските сили, кои спроведуваат интервенции од 2015 година, загинале 23 лица, од кои 12 медицински работници, десет членови на Цивилната заштита и еден активист на Црвената полумесечина.
Во извештајот се наведува дека во минатогодишните напади на коалициските сили предводени од САД загинале осум медицински работници, а во нападите на терористичката организација ДЕАШ пет лица, од кои двајца медицински работници и тројца членови на Цивилната заштита.
Во нападите на терористичката организација ПКК/ПЈД загинале тројца здравствени работници. Три лица смртно настрадале и во судирите на опозицијата и припадниците на режимот.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) наведе дека 19 лица, од кои четворица медицински работници, 13 членови на Цивилната заштита и двајца активисти на Црвената полумесечина, смртно настрадале во напади за кои не е утврдено кој е одговорен.
Мрежата ги повика ОН да преземат активности за да се заштитат цивилите во Сирија и истакна дека на припадниците на режимот и неговите поддржувачи, Иран и Русија, е потребно да им се суди поради воени злосторства.