Gökhan Kavak
04 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ
Во источно африканската земја Кенија околу 200.000 луѓе јадат само еден оброк дневно поради постојаната суша, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата дадена од одделот за метеорологија во Кенија, се наведува дека стотици илјади луѓе во северните и источните региони на земјата имаат потешкотии во изнаоѓањето храна и вода поради сушата.
Во соопштението се нагласува дека приближно 200.000 Кенијци можат да јадат само еден оброк дневно, а на 9.000 луѓе им е потребен итен третман поради неисхранетост.
Исто така се наведува дека поради сушата проблеми имаат и животните, додавајќи дека ваквата ситуација негативно влијае врз Кенијците кои заработуваат од сточарството.
Во соопштението се вели дека сушата ќе продолжи до декември, додавајќи дека регионите Момбаса, Тана, Ривер, Килифи, Ламу, Квале, Мандера, Марсабит, Важир, Гариса и Исиоло ќе бидат погодени од суви и топли временски услови.
- Во повеќе од 20 региони прогласена е национална катастрофа
Во повеќе од 20 региони во северните и источните делови на Кенија е прогласена национална катастрофа поради сушата.
Во земјата во која 2,1 милиони луѓе се соочуваат со глад, повеќе од 500.000 деца имаат здравствени проблеми поради неисхранетост.
Во Кенија, која последните години се соочува со најголемата наезда на скакулци во својата историја, се стравува дека кризата со храна ќе ескалира поради недоволните врнежи во сезоната на дождови.