Ayşe Hümeyra Atılgan
02 Октомври 2017•Ажурирај: 02 Октомври 2017
БАГДАД (АА) - Ирачките безбедносни сили во изминатите 24 часа ослободија 25 села и воен аеродром на западниот дел на покраината Киркук, а станува збор за продолжение на операцијата за ослободување на градот Хавија од терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералот на ирачката војска Абдул Амир Јарулах за АА изјави дека силите на ирачката војска и единиците на движењето Хашд ал Шаби го ослободиле воениот аеродром „Ал Фатах“ и најмалку 25 села кои гравитираат околу тој воен комплекс.
Хавија е гратче коешто се наоѓа западно од центарот на Киркук, јужно од Мосул, а од летото 2014 година е контролирано од ДЕАШ.
Откако здружените ирачки сили го ослободија Мосул, а потоа и Тел Афар, терористите на ДЕАШ ги концентрираа своите сили во Хавија, која е актуелно упориште на судирите.
Поради сѐ поголемиот притисок на ирачките сили, терористите сега од Хавија бегаат во градовите Рава и Ал Каим, кои се наоѓаат на ирачко-сириската граница во покраината Анбар. Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади, во петокот ѝ се обрати на нацијата преку државната телевизија и најави дека борбата против терористите на ДЕАШ продолжува.
„Ќе ја ослободиме секоја педа од Ирак и ќе ја уништиме бандата ДЕАШ еднаш и засекогаш“, порача Ал Абади.