Ömer Aydın
02 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
МИЛУЗ (АА) - Во Франција избувна пожар во којшто животот го загубија 5 лица, од кои тројца се турски државјани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во градот Милуз, кој се наоѓа во близина на границата со Швајцарија, живее претежно турско население. Синоќа во овој град избувна пожар во којшто загинаа 5 лица, осуммина се повредени, од кои тројца потешко.
АА доби подетални информации околу настанот, од генералниот конзул на Турција во Стразбур, Озгур Чинар. Конзулот информира дека пожарот избувнал во подрумските простории на една петкатница и за кусо време се проширил. Тој додаде дека меѓу починатите 5 лица, тројца се турски државјани.
Претседателот на општината Милуз, Жан Ротнер, соопшти дека меѓу петтемина починати, четири се деца и додаде дека е формирано кризно тело.
Повредените се префрлени во градските болници.
Во пожар што избувна во Милуз во 2014 година, загинаа тројца членови од истото семејство.