Ahmed Asmar
24 Јануари 2024•Ажурирај: 25 Јануари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Ирак ќе ги смета американските воздушни напади врз седиштето на провладината Хашд ал Шаби (Сили за народна мобилизација) како „акт на агресија“, изјави денес воен портпарол, пренесува Анадолу.
„Со јасна одлучност да ѝ наштетат на безбедноста и стабилноста во Ирак, Соединетите Американски Држави продолжија да вршат воздушни напади врз локациите на ирачките воени единици од составот на војската и народните мобилизациски сили, во подрачјата Јурф ал-Наср и Ал-Каим. Овие операции ќе ги третираме како акти на агресија и ќе ги преземеме неопходните активности за да ги зачуваме животите и достоинството на Ирачаните на нивната земја“, изјави Јехија Расул, според ирачката официјална новинска агенција ИНА.
Тој додаде дека американските воздушни напади ја поткопуваат долгогодишната соработка со американската армија и нагласи дека таквите дела го загрозуваат регионот со ширење на конфликтот, како „реперкусии на израелската агресија врз Газа“.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера изјави дека извршиле напади врз три објекти што групата Катаиб Хезболах поддржана од Иран и други групи поврзани со Иран во Ирак ги користеле за напади врз американските сили во Ирак и Сирија.
„Овие прецизни напади се директен одговор на серијата ескалациски напади врз персоналот на САД и коалицијата во Ирак и Сирија од страна на милициите спонзорирани од Иран“, рече тој.
Одмаздничките напади следуваа по неколку дена откако беа истрелани повеќе проектили врз ирачката воена база Аин ал-Асад, во која се сместени американските војници.
За нападот одговорноста ја презеде Исламскиот отпор во Ирак, милициска мрежа која ја презеде одговорноста за десетици неодамнешни напади врз американските и коалициските сили во Ирак.
Тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако Израел започна да извршува разорни напади врз Газа како одмазда за прекуграничниот напад врз Израел од страна на палестинската група Хамас на 7 октомври.