Ahmed Asmar
24 Јануари 2024•Ажурирај: 25 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа 25.700 Палестинци, објави денес Министерството за здравство во блокираната енклава, јавува Анадолу.
Министерството соопшти дека се повредени 63.740 лица.
Се додава дека израелските сили извршиле 24 масакри низ Појасот Газа во изминатите 24 часа, при што биле убиени 210 лица, а ранети 386.
„Многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да стигнат до нив“, се вели во соопштението.
Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во кој, се верува, убила околу 1.200 Израелци.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението во Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.
„Луѓето во Газа не само што ризикуваат да бидат убиени или повредени од немилосрдното бомбардирање туку имаат и зголемени шанси да се разболат од заразни болести“, изјави вчера генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.