Nur Asena Ertürk
24 Јануари 2024•Ажурирај: 25 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Земјоделците во Франција планираат да ги прошират протестите започнати против зголемувањето на даноците и зголемениот притисок од регулативите на Европската Унија, објави денес главниот земјоделски синдикат во земјата, пренесува Анадолу.
„До петок ќе има протести во 85 департмани, континуирани или спорадични. Сите во сите департмани на крајот ќе излезат на улиците“, изјави претседателот на ФНСЕА, Арно Русо, за телевизијата „Франс 2“.
„Не сакаме да му пречиме на француското население, повеќе би сакале да бидеме на нашите фарми, но немаме избор“, додаде Русо.
„Франс 24“ објави дека земјоделците бараат подобри плати, поедноставена администрација, да нема нови забрани за пестициди, да се прекине со покачувањето на горивото за тракторите и подобра компензација по катастрофи.
Протестите започнаа минатата недела кога демонстрантите ги блокираа автопатиштата во југозападна Франција.
Несреќата што се случи вчера ги зголеми тензиите на протестите во јужниот град Ариеге, во близина на шпанската граница, објави „БФМТВ“.
Возило ги удрило и ги усмртило Александра, 35-годишна земјоделка што протестирала, и нејзината 12-годишна ќерка, а нејзиниот сопруг бил повреден.
Русо најави дека ќе објави листа од околу 40 мерки за ставање крај на кризата.
Го повика премиерот Габриел Атал да дојде и да се состане со земјоделците.
Во последните недели и други европски земји, вклучително Германија и Романија, се потресени од протестите на земјоделците.