Satuk Buğra Kutlugün
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
БАГДАД (АА) - Регионалната курдска управа во северен Ирак понуди замрзнување на резултатите од нелегитимниот референдум за да се спречат воените операции во тој регион, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ирак и Регионалната курдска управа се соочени со тешки и опасни околности и сите мораме крајно одговорно да се однесуваме за да ја избегнеме ескалацијата на насилството и судирите меѓу ирачката војска и пешмергите“, се наведува во утринското соопштение на Регионалната курдска управа.
Истакнувајќи дека досегашните судири нанеле губитоци на двете страни, во соопштението на официјален Ербил се наведува дека понатамошните судири би донеле продолжување на крвопролевањето и создавање на подлабок јаз меѓу различните делови на ирачкото општество.
„Сигурно е дека продолжението на судирите на никој не би му донело победа, но би го продлабочил актуелниот хаос. Во согласност со одговорноста кон нашите народи, предлагаме итен прекин на судирите и завршување на воените операции, замрзнување на резултатите од референдумот и започнување на отворен дијалог со владата на Ирак, и тоа врз основа на Уставот на Ирак“, се наведува во соопштението.
Регионалната курдска управа на 25 септември спроведе нелегитимен референдум за независност, на кој остро се противат владата на Ирак, како и меѓународната заедница на чело со соседите Иран и Турција.