İdris Okuducu
15 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
МОСУЛ (АА) - Воздушните сили на меѓународната коалиција започнаа напади на позициите на терористичката организација ДЕАШ во северозападниот ирачки град Тал Афар, кој терористите го контролираат од летото 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералот на ирачката војска Шемседин Мухамед Анбери за АА изјави дека авионите Ф-16 на коалицијата што ја предводат САД синоќа извршија вкупно 13 напади на упориштата на терористите во центарот Тал Афар.
Паралелно со тоа, и артилериските сили на ирачката војска ги гаѓаа упориштата на терористите на периферијата на Тал Афар, а Анбери изјави дека нападите се своевидна подготовка и вовед во копнената операција за ослободување на градот.
Тал Афар е град што во поголемиот дел е населен од Туркмени, а се наоѓа на околу 60 километри западно од Мосул.
Премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади, неодамна најави опсежни операции за ослободување на Тал Афар, Хавија и делот на Енбар, кои и понатаму ги контролираат терористите на ДЕАШ.