Ekipa
08 Ноември 2023•Ажурирај: 12 Ноември 2023
БАГДАД (АА) - Ирачката Влада донираше 10 милиони литри гориво за генераторите за напојување на болниците во Појасот Газа во услови на нападите на израелската војска на палестинската територија, пренесува Анадолу.
Во соопштението на премиерот Мохамед Шија ал-Судани се вели дека овој потег „има за цел да ги ублажи страдањата на палестинскиот народ во Појасот Газа“.
Во соопштението, сепак, не е наведен датум за испораката на гориво или како таа ќе биде дозволена на блокираната територија.
Израел одбива какви било испораки со гориво во Појасот Газа додека не се ослободат заложниците што ги држи Хамас.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас пред еден месец.
Оттогаш се убиени најмалку 10.328 Палестинци, меѓу кои 4.237 деца и 2.719 жени. Во меѓувреме, бројот на загинати во Израел изнесува речиси 1.600, покажуваат официјалните бројки.
Освен големиот број жртви и масовното раселување, при крај се и основните резерви за 2,3 милиони жители во Газа како последица на израелската опсада.