Kübra Chohan
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
ВИЕНА (АА) - Неодамнешната изјава на новоназначениот австриски министер за образование, Хајнц Фасман, против шамијата покрена загриженост кај муслиманите што живеат во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервјуто, објавено во петокот во локалниот весник „Kurier“ (Куриер), Фасман вели дека наставничките не треба да носат шамии.
На прашањето за неговото мислење во однос на забраната за носење шамии, Фасман рече: „Да, имам одредена склоност кон секуларната држава и сметам дека наставничките не треба да носат шамии, освен оние во верските и во приватните училишта“.
Коалициската влада формирана од страна на Австриската народна партија (OVP) и екстремно-десничарската Слободарска партија (FPO) претходно овој месец, покажа одредени анти-исламски и антиимигрантски ставови.
На интервјуто на австрискиот министер реагираше претседателот на Исламското верско тело на Австрија (IGGO), Ибрахим Олгун, кој за АА изјави: „Шамијата е нашата црвена линија“.
„Поради оваа причина никогаш нема да дозволиме таков обид. Ќе сториме сé што можеме да се спречи иницирање на забрана за носење шамии, и ако биде потребно, тоа ќе го донесеме пред Уставниот суд“, додаде тој.
Олгун истакна дека заедницата ќе се сретне со министерот со цел да разговара во однос на тоа прашање и јасно да го изрази својот став.
„Сметаме дека зад желбата за забрана на шамијата се кријат антиисламските ставови“, додаде Олгун.
Генералниот секретар на Исламската федерација на Виена (IFW), Харун Ерџијас, рече: „Тврдењето дека наставниците со шамии се во спротивност на принципот на непристрасност, всушност значи навреда во однос на образованието и трудот (на наставниците). Ние, секако, не го одобруваме ова“.
„Исламската заедница, којашто е официјална институција во земјата, ја карактеризира шамијата како дел од исламот. Од оваа причина, ако ги отстраните жените со шамии од власта, ги отстранувате и сите членови на оваа религија од јавноста, што само по себе е дискриминирачки“.
Фатих Каракоџа, претседател на Унијата на европски турски демократи на Австрија (UETD) рече дека забелешките на министерот се „жалосни“.
Тој додаде дека иако во Австрија има многу проблеми за решавање, коалицијата на екстремната десница е наклонета кон создавање поделби и тензии во општеството.
„Оние кои сакаат да се кријат зад секуларизмот и кои денес сакаат да воведат забрана за носење шамија во наставниот кадар, тоа утре би можеле да го прошират во сите сфери, вклучувајќи ги и учениците и студентите, предизвикувајќи големо незадоволство во општеството“, рече Каракоџа.