Zylfije Adem Jakupi
01 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
ПРИШТИНА (АА) - Министерот за здравство на Косово, Арбен Витиа, денеска поднесе оставка од таа позиција, со цел да се ангажира како кандидат на Движењето „Самоопределување“ за градоначалник на општината Приштина на претстојните локални избори на 17 октомври, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Витиа на прес-конференција соопшти дека денеска завршува ангажирањето во оваа област на здравството, кое му го довери премиерот Албин Курти. Тој посочи дека му е чест што соработуваше со сите за надминување на пандемијата на Ковид-19 и дека на чело на Министерството ќе го замени неговата досегашна заменичка Дафина Геџа.
„Ја префрлам одговорноста на персоналот на Министерството и на политичко ниво на заменик-министерката Дафина Геџа, со длабоко уверување дека работата ќе продолжи со целосна посветеност. Ние дејствувавме како тим и тимот несомнено ќе продолжи да ги исполнува своите обврски со посебен акцент на вакцинацијата, превенцијата од пандемијата и заштитата на животите на нашите пациенти. Отсега натаму, ќе бидам дел од друг тим кој се фокусира на нашиот главен град. Ќе бидам кандидат за градоначалник на општина Приштина“, рече Витиа.
Тој нагласи дека силно верува дека Косово ќе го помине предизвикот на пандемијата на Ковид-19 со заеднички напори и нагласи дека успехот ќе зависи многу од дисциплината на сите и дека само вакцинациите овозможуваат земјата да се врати во нормала.
Говорејќи за својата работа на чело на Министерството за здравство, Витиа рече дека сега има лекови за третирање на Ковид-19 во болниците, кои се бесплатни за пациентите, капацитетите на болниците се зголемени и мрежата за третман со кислород е проширена.
Тој нагласи дека во април, кога го презел Министерството, Косово било на најниско ниво во процесот на вакцинација во Европа. Во меѓувреме беше потпишан билатерален договор со компанијата „Фајзер“ за набавка на 1,2 милиони вакцини, пристигнаа вакцини од донации и беше усвоен план за вакцинација на граѓаните.
Витиа рече дека досега се дадени 1,3 милиони вакцини според тој план, додека уште околу 400 илјади вакцини сѐ уште се на залиха.
„За три месеци, повеќе од 800 илјади граѓани беа вакцинирани со најмалку една доза од вакцината, и околу 540 илјади со двете дози. До крајот на годината ќе пристигнат уште 500.000 дози и со овој тренд ќе биде вакцинирано повеќе од 75 отсто од населението кое се вакцинира, население над 16 години“, рече Витииа.
Тој додаде дека во последните денови Косово има најмал број заразени лица во регионот, додека е меѓу петте земји во Европа со најмал број заразени лица.
Витиа, исто така, изјави дека Косово аплицирало за прифаќање на сертификати за вакцинација во ЕУ.