Турскиот министер Болат: Разговорите во САД го зајакнаа патот кон целта за трговска размена од 100 милијарди долари
- „Турција цврсто ќе ја следи својата визија за долгорочно, предвидливо и заемно корисно економско партнерство со Соединетите Американски Држави“
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот министер за трговија, Омер Болат, денес изјави дека Анкара и Соединетите Американски Држави (САД) постигнале напредок во проширувањето на билатералната трговска размена, јавува Анадолу.
Болат рече дека имал „продуктивна средба“ со американскиот претставник за трговија, амбасадорот Џејмисон Грир, за време на неговата посета на Вашингтон.
Турскиот министер рече дека тие „сеопфатно“ разговарале за трговските и економските односи меѓу Турција и САД.
„Сметаме дека нашиот состанок ја зајакна нашата заедничка волја за достигнување обем на трговска размена од 100 милијарди долари“, истакна Болат.
„Турција цврсто ќе ја следи својата визија за долгорочно, предвидливо и заемно корисно економско партнерство со Соединетите Американски Држави“, порача Болат преку турската платформа за социјални медиуми „NSosyal“.
Подоцна, Болат одржа состанок со Трговската комора на САД и со бизнис-заедницата.
„За време на нашите разговори, на бизнис-заедницата ѝ го објаснивме стабилниот економски раст на Турција, кој продолжува веќе 21 последователен квартал, и нејзиниот потенцијал“, рече Болат.
Нагласувајќи дека Анкара е задоволна од поддршката на американските компании во развојот на трговските и економските односи, тој рече: „Нашите заеднички напори ќе значат повеќе инвестиции, поголема трговија и повеќе вработувања за компаниите и во Соединетите Американски Држави и во Турција“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
