Турција

Со мурали на болничките ѕидови, турска уметница им влева надеж на болните деца

- „Сакав да создадам посреќна, потопла и пошарена средина за децата кои се лекуваат тука, за нивните придружници, но и за медицинскиот персонал кој се бори за нивното здравје“

Mehmet Umut Bakay  | 11.03.2026 - Обновена : 11.03.2026
Со мурали на болничките ѕидови, турска уметница им влева надеж на болните деца Mehmet Umut Bakay/AA

МЕРСИН (АА) - МЕХМЕТ УМУТ БАКАЈ

Уметницата Назифе Билгин Хазар, која претходно стана препознатлива по претворањето на запуштените фасади во турскиот град Мерсин во уметнички дела, сега ја насочи својата четка кон болничките ѕидови за да го подигне моралот на децата кои се лекуваат, јавува Анадолу.

На покана на Одделот за педијатрија при Универзитетската болница во Мерсин, уметницата која ги прослави улиците на областа Торослар со сликање на делата на светски познати сликари, овој пат го искористи својот талент за најмладите.

Со цел да предизвика насмевки на лицата на малите борци, уметницата Хазар ги украси ѕидовите на болницата со ликови од цртаните филмови Мики Маус и Штрумфови.

Покрај цртаните ликови, Хазар во ходниците на болницата наслика и репродукции на познати уметнички слики, како и мотиви од природата и фигури на животни.

„Многу ме радува кога децата се опуштаат додека ги гледаат моите дела.“

Назифе Билгин Хазар за дописникот на АА истакна дека нејзината цел била да ја пренесе исцелителната моќ на уметноста врз болничките ѕидови.

За Назифе, психологијата на пациентот е клучен сојузник во борбата против болеста.

„Сакав да создадам посреќна, потопла и пошарена средина за децата кои се лекуваат тука, за нивните придружници, но и за медицинскиот персонал кој се бори за нивното здравје“, изјави таа.

Хазар нагласи дека децата покажуваат голем интерес за илустрациите на ѕидовите, и продолжи:

„Среќна сум поради тоа бидејќи уметноста лекува и разубавува. Илустрациите ќе останат на овие ѕидови со години и со текот на времето ќе добијат уште поголемо значење. Да ја гледам нивната среќа, и тоа што знам дека моите дела им помагаат, барем малку, да се релаксираат и да ги оддалечат од мислите за болеста, ми претставува огромно задоволство.”

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.