Behlül Çetinkaya, Fuat Kabakcı
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во врска со случувањата во Авганистан изјави дека Турција го продолжува дијалогот со сите страни, вклучително и со талибанците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу во Јордан одржа заедничка прес-конференција со својот јордански колега, Ејмен ес-Сафеди, по билатералните и средбите на делегациите.
Наведувајќи дека во Кабул има вакуум откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напушти земјата, Чавушоглу рече дека со ваквиот развој на настаните, талибанците влегле во Кабул и де факто ја презеле администрацијата на земјата.
„Ние го одржуваме нашиот дијалог со сите страни, вклучително и со талибанците. Исто така, важните личности како што се Абдулах Абдулах и Хамид Карзаи, кои преговараа претходно, сè уште се во Кабул и прават подготовки за разговори со талибанците“, рече Чавушоглу.
Нагласувајќи дека ја цени улогата на Катар во овие иницијативи, Чавушоглу рече:
„Во моментов, земјата треба да се смири. Би сакале да кажеме дека позитивно ги прифаќаме пораките дадени од талибанците досега. Тие се наменети за странците, дипломатските претставништва и нивните луѓе. Се надевам дека ова ќе го видиме и во дејствијата. Ние, како Турција, ќе продолжиме да го поддржуваме економскиот развој, стабилноста и мирот на братски Авганистан.“