ИСТАНБУЛ (АА) – Министерот за туризам и антиквитети на Египет, Шериф Фати, ги повика турските инвеститори да преземат поголема улога во туристичкиот сектор на Египет, додавајќи дека неговата земја може да понуди дополнителен стимул „за проекти кои ќе дадат позитивен придонес во нашиот раст и ќе се спроведуваат во согласност со нашите планови за развој“, јавува Анадолу.
„Ние веќе работиме на стимулации, не само кон турските инвеститори туку и кон сите инвеститори заинтересирани за изградба на хотели или вложувања во бизниси поврзани со туризмот. Подготвени сме да разговараме и за дополнителен поттик доколку таквите проекти се усогласени со нашите цели“, изјави Фати за Анадолу за време на настан во Истанбул кој ги обединува турските и египетските професионалци на полето од туризмот.
Египетскиот министер престојуваше во Истанбул по повод Источномедитеранскиот меѓународен саем за туризам и патувања 2026.
„Доколку инвеститорот покаже сериозен интерес за инвестирање во нашата земја, може да реализира проект во рок кој позитивно би се одразил на нашиот пораст, но и усогласен со нашите планови за развој, подготвени сме да понудиме дополнителен стимул“, изјави Фати.
Посочи дека турската бизнис-заедница веќе е активна во Египет, особено во индустријата, а во областа на туризмот сѐ уште не постои сличен интерес.
Фати рече дека се подготвени да обезбедат олеснување од секаков вид за турските бизнисмени кои сакаат да инвестираат во туризмот на Египет, додавајќи: „Ние сме во многу добри односи со турски бренд кој се занимава со хотелско управување и чија популарност во нашата земја значително се зголемува. Задоволни сме од досегашниот исход и би сакале ваквата соработка, вклучително и инвестициите, дополнително да се зголемат во иднина.”
- „Сакам што повеќе Египќани да патуваат во Турција” -
Египет ги надмина своите туристички цели во 2025 година, остварувајќи раст од 21 отсто и достигнувајќи 19 милиони посетители. Конкретно за Турција, тој истакна зголемување од 43%.
„Околу 250.000 туристи од Египет ја посетиле Турција. Мојот фокус е секогаш кон развој на бизнис во двата правци. Сакам сѐ поголем број турски државјани и туристи да го избираат Египет како туристичка дестинација, но и поголем број Египќани да патуваат во посета на Турција. Според мене, овој двонасочен тек е единствениот начин да се обезбеди одржлив туристички модел, вклучително и авиокомпаниите и силната поврзаност меѓу нашите две земји“, изјави Фати.
Тој рече дека Египет и годинава цели на раст од околу 10 отсто и очекува најмалку 25-процентно зголемување на бројот на туристи што доаѓаат од Турција.
Посочувајќи дека бројот на турски туристи сè уште не го достигнал посакуваното ниво, Фати рече дека за Египет „туристите од Турција се од огромна важност” и дополни дека исто така се обидува да го зголеми бројот на туристи кои патуваат од Египет кон Турција.
Фати истакна дека свеста кај туристите од Турција и туроператорите за туристичкиот потенцијал и разновидноста на Египет се зголемила во текот на изминатата година.
„Турските туроператори стануваат сѐ посвесни за она што Египет може да го понуди во однос на разновидните туристички производи и различни комбинации на дестинации.”
„Исто така бележиме раст во побарувачката од турскиот пазар за дестинации како крстосувања по Нил, но и културниот туризам го привлече вниманието на посетителите, особено кон Големиот музеј во Египет и областа на пирамидите“, рече тој.
- „Треба да го зголемиме капацитетот на седишта на постојните рути“ -
Нагласувајќи дека траен раст на туризмот може да се постигне само преку заеднички напори, Фати рече дека двете земји треба да дејствуваат заедно за дополнително да го зголемат својот меѓусебен туристички потенцијал.
Нагласувајќи ја важноста на координацијата меѓу владите и приватниот сектор, тој посочи на можните чекори што треба да се преземат за зголемување на потенцијалот.
„Со заедничка работа на ниво на влади и приватен сектор, треба да поканиме инфлуенсери од двете страни да ги промовираат нашите туристички атракции, новите комбинации што можеме да им ги понудиме на посетителите и новите производи. Сметам дека ова се заедничките напори на кои треба да се фокусираме со нашите турски партнери, и јавни и приватни.“
Фати рече дека искуствата од турските туристи во голема мера се позитивни.
„Ова значи дека веројатно ќе се вратат или ќе шират позитивен глас, што ќе привлече повеќе посетители. Повратните информации од туроператорите се исто така исклучително охрабрувачки и укажуваат дека овој раст ќе продолжи“, рече тој.
Додаде дека иако туристичкиот потенцијал на Турција е познат во Египет, треба да се интензивираат промотивните активности и дека воздушната поврзаност меѓу двете земји е недоволна со цел да се задоволи растечката побарувачка.
Истакнувајќи дека ограничениот капацитет на летови го ограничува растот во двата правци, Фати рече дека и Египет и Турција треба да преземат чекори, нагласувајќи: „Очекуваме зголемување на капацитетот на седиштата од 20 % до 25 %. Сепак, ова нема да биде доволно. Треба да додадеме повеќе летови и да го зголемиме капацитетот на постојните рути.“
„Ова бара заеднички напори и од египетските и од турските авиокомпании и треба да го одржиме овој раст во следните пет години за да ја задоволиме побарувачката што ја имаме како цел. Значи, да, ќе видиме раст, но тоа нема да биде доволно освен ако не работиме понапорно за да додадеме повеќе летови на рутата помеѓу Египет и Турција.“