Aşkın Kıyağan
28 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ВИЕНА (АА) - Центарот за советување на муслиманите во Австрија објави извештај во кој се наведува дека минатата година, за 65 отсто е зголемен бројот на регистрираните напади врз муслимани и на имотот на муслиманските заедници во таа земја, во однос на претходната година, јавува Аnadolu Agency (AA).
Во извештајот кој е објавен под наслов „Извештај за антимуслиманскиот расизам во 2016 година“, се наведува дека во 2015 година, во Австрија се регистрирани вкупно 156 напади врз муслиманите, а дека во 2016 година се регистрирани 253 такви напади.
Цел на минатогодишните напади врз муслиманите во Австрија, во 98 отсто од случаите се жени, а 62 отсто од тие напади се случиле на јавни места и во средствата за јавен превоз.

Некои од нападите се случиле и во јавни институции и се третираат како дискриминациски.
Советодавниот центар, кој од 2014 година објавува извештаи за нападите врз муслиманското малцинство во Австрија, од оваа година нуди и советодавни услуги за жртвите од таквите напади.
„Во септември минатата година дојде до најголем пораст на антиисламската реторика во медиумите и во политиката во Австрија. Особено интензивните навредливи изјави беа присутни во пресрет на претседателските избори, во дискусиите за забрана на хиџабот и бурката“, изјави претставничката на Центарот, Елиф Озтурк.
Потсетувајќи на низата брутални напади на покриените жени, Озтурк изјави дека одвратни биле и нападите на џамиите и инцидентите со оставање свински глави во нивните дворови.
„Неодамна, и Европскиот суд на правдата донесе одлука со која на работодавците им се одобрува да го забранат носењето на верски симболи на работните места, а тоа најнегативно ќе се одрази на муслиманките. Нѐ изненади таквата пресуда. Сметаме дека во 21. век, луѓето мора да се вреднуваат според способностите и делата, а не според начинот на облекување“, изјави Озтурк.
Озтурк истакна дека покриените муслиманки веќе се соочуваат со проблеми на дискриминација при барањето работа, и дека мисијата на Центарот за советување на муслиманите е да се слушне гласот на таа популација во австриското општество и пошироко.