Dildar Baykan
28 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
АТЛАНТА (АА) - Откако властите не му дозволија на семејство во САД на 22-месечната ќерка да ѝ го дадат презимето Алах, следуваше и судска постапка против сојузната држава Џорџија, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Атланта журнал-конститушн“ јавува дека родителите Елизабет Хенди и Билал Вок, кои живеат во сојузната американска држава Џорџија, сакале да ја наречат својата ќерка Залиха Грејсфул Лораина Алах, што не им било дозволено од страна на државата.
Родителите со поддршка на Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ) започнаа постапка, а доколку државата не издаде матичен извод, девојчето не ќе може да добие број за социјална заштита.
Брачниот пар Вок-Хенди одлучија да ѝ го дадат презимето Алах на својата ќерка, и сметаат дека станува збор за чесно презиме.
Таткото на девојчето вели дека имаат индивидуално сфаќање како да постапат кога станува збор за избраните имиња и дека не сакаат да даваат детали бидејќи не се битни.
„Битно е она што го велат законите и правата коишто ние ги имаме како родители. Ова е повреда на нашите права“, изјави Вок.
Адвокатот на семејството, Мајкл Баумринд, изјави дека семејството одлучува за името на детето, а не државата, и дека тоа е многу јасно.
Официјалните претставници на државата изјавија дека според државните закони, на матичниот извод на детето треба да биде назначено презимето на таткото или мајката или комбинација од двете.