Ayhan Şimşek
10 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
БЕРЛИН (АА) - Германскиот и австрискиот министер за надворешни работи денес упатија повик до нивниот израелски колега да се дозволи поголема хуманитарна помош во Газа и изразија надеж дека успешните преговори за прекин на огнот би можеле да ја подобрат ситуацијата во регионот, јавува Анадолу.
Говорејќи на заедничката прес-конференција во Виена по нивниот трилатерален состанок, австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер рече дека и Австрија и Германија се солидарни со Израел, но исто така го потсети Израел на неговите хуманитарни обврски и потребата од дипломатско решение за постоечкиот конфликт.
„Австрија, како и Германија, цврсто стои на страната на Израел. Но, исто така е јасно дека за нас, хуманоста и обврските според меѓународното право не се предмет на преговори“, нагласи Мајнл-Рајзингер.
„Според нас, не може да има траен мир без политички перспективи за Палестинците, без перспектива за палестинскиот народ. Затоа, долгорочната цел мора да биде решение со две држави“, додаде таа.
Мајнл-Рајзингер, исто така, изрази загриженост во врска со извештаите дека израелската Влада соработува со американската администрација на плановите за преселување на Палестинците од Газа и трајно окупирање на палестинската територија.
„Од перспектива на Австрија, Газа мора да остане палестинска. Израел е обврзан со меѓународното право во својата легитимна борба против тероризмот, нашата цел сега е целосно да се вратиме на преговорите, на прекинот на огнот, на ослободувањето на заложниците, и секако на подобрувањето на хуманитарната ситуација, што мора да се случи веднаш“, рече австриската министерка.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ги повтори изјавите на својата австриска колешка, нагласувајќи дека иако безбедноста на Израел останува „нешто за што не се преговара“, тие исто така очекуваат израелската Влада да преземе итни чекори за ублажување на страдањата на палестинските цивили во Газа.
„Сите сме длабоко загрижени за гладот и смртта во Газа. Луѓе кои се убивани во очајнички обиди да дојдат до помош. Деца кои умираат од глад. Ова нè засега сите нас“, рече Вадефул, нагласувајќи дека хуманитарните организации едногласно предупредуваат дека моменталните испораки на хуманитарна помош значително не ги задоволуваат основните потреби.
„Хуманитарната ситуација мора итно и брзо да се подобри за овие луѓе кои гладуваат и умираат“, рече германскиот министер.
Тој изрази надеж дека ситуацијата ќе се подобри откако ЕУ и израелската Влада се согласија за мерки за ублажување на хуманитарната криза во Газа, по дипломатските разговори предводени од шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Откако Израел ја започна својата воена кампања во Газа во 2023 година, убиени се над 57.700 Палестинци, а над 100.000 се ранети, повеќето од нив жени и деца.
Израел во моментов се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите постапки во Газа, каде што најмалку 1,9 милиони Палестинци остануваат раселени и се соочуваат со сериозен недостиг на храна, медицински материјали и други основни потреби.