Ekipa
28 Март 2017•Ажурирај: 29 Март 2017
ЏАРАБУЛУС (АА) - Вториот конвој со цивили што вчера го напушти квартот Ал Ваер во центарот на покраината Хомс, кој се наоѓа под опсада на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, пристигна преку Ал Баб во Џарабулус, јавува Anadolu Agency (AA).
Автобусите на Сириската полумесечина, чиј број изнесува 49, вчера, во попладневните часови тргнаа од Ал Ваер кон градот Ал Баб, во северниот дел на покраината Алепо. Во конвојот, кој во утринските часови пристигна во Ал Баб, имаше седум амбулантни возила.
По Ал Баб, конвој со 1.800 лица, односно 350 семејства, 40 болни и ранети лица пристигна на подрачјето Зогаре во Џарабулус.
Велид ел-Фарис, задолжен за координација на евакуацијата од Ал Ваер, за АА изјави дека пред евакуацијата ги известил властите во Џарабулис дека на граѓаните на Ваер им е потребна итна хуманитарна помош.
Тој потсети дека во првиот конвој минатата недела од Ал Ваер во Џарабулус се евакуирани речиси 2.000 лица, меѓу кои и 400 вооружени бунтовници, и речиси 1.600 цивили.
Откако со посредство на Русија, на 13 март е постигнат договор за повлекување на силите на сириската опозиција од Ал Ваер, речиси 22.000 жители од тоа место поднесоа барање за евакуација.
Силите на сирискиот режим прифатија 15.000 барања. Планот е секоја наредна недела да се евакуираат по 2.000 лица.
Според планот, воглавно би требало да бидат евакуирани жени со деца и старци. Се предвидува дека секоја недела од Ваер да бидат евакуирани околу 2.000 лица.
И покрај договорот од декември минатата година, нападите на Ал Ваер не престанаа. Силите на Башар ал Асад со сите напори на ОН, пет месеци не дозволија влез на хуманитарна помош во областа.