Ekipa
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Забраната за носење големи електронски уреди на летовите на „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс) од Истанбул до САД е укината утринава, изјави портпаролот на компанијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Забраната е укината откако официјални лица на американската служба за безбедност ги посетија турските аеродроми за да извршат проверка на мерките за безбедност.
„Патниците на 'Turkish Airlines' кои летаат од Истанбул до САД сега ќе бидат во можност да носат електронски уреди“, изјави портпаролот на авиокомпанијата за АА.
САД во март донесоа забрана за носење големи електронски уреди, како што се лаптопи, за сите патници на комерцијалните летови до САД, од 10 меѓународни аеродроми во осум муслимански земји (Египет, Мароко, Јордан, ОАЕ, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар и Турција).
Турскиот министер за транспорт, Ахмет Арслан, вчера изјави дека американските официјални лица ќе ги испитуваат уредите за откривање експлозив на аеродромите во Турција.
Турција на крајот од јуни почна да ги користи американските уреди за томографија, за скенирање на багажот на аеродромите.
Баришџан Којмен, кој леташе до Њујорк на семеен одмор, на истанбулскиот аеродром за АА изјави дека чувствува олеснување по укинувањето на забраната.
„Чувствуваме мало олеснување по укинувањето на забраната, затоа што одиме на долг пат“, изјави Којмен.
„Секогаш го носам мојот лаптоп со мене, каде и да одам, ги содржи сите мои планови за одмор и лични информации“.