Mahmoud Barakat
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелските сили ги ослободија двајцата високи палестински верски претставници кои беа приведени во врска со неодамнешните протести во џамијата „Ал Акса“ во Источен Ерусалим (Кудс), пренесува Anadolu Agency (AA).
Здружението на палестински затвореници соопшти дека шеикот Абдулазим Салхаб, челник на Советот за вакуф во Ерусалим, и шеикот Наџех Бкерат, заменик-директор на Муслиманскиот вакуф и работите поврзани со „Ал Акса“, се уапсени по упадот на властите во нивните домови.
Нивниот адвокат Мухамад Махмуд изјави дека израелската полиција ги ослободила двајцата високи палестински верски претставници, но дека им забранила да влегуваат во џамијата „Ал Акса“ седум дена, без да ги упати на суд.
Краткото притворање беше осудено од страна на палестинската Влада и Јордан.
Денешните апсења се случија по палестинските протести против израелското затворање на влезот Рахма во џамијата „Ал Акса“, лоцирана на источните ѕидини на стариот дел од Ерусалим.
Управата за исламски вакуф поднесе барање до израелските власти за трајно отворање на тој влез.
Во петокот израелската полиција уапси десетици Палестинци во Источен Ерусалим, со цел да ги спречи протестите против израелското затворање на влезот Рахма.
Влезот Ал Рахма за првпат беше затворен од страна на израелските власти во 2003 година. Израелскиот суд ја обнови наредбата за затворање во 2017 година.
За муслиманите, „Ал Акса“ претставува трето најсвето место во светот. Евреите, од своја страна, го сметаат подрачјето за местото каде што се наоѓаат два еврејски храма од минатото.
Израел го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектираше целиот град во 1980 година, потег кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница.