Hasan Esen
24 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
КАРАКАС (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро се заблагодари на граѓаните на Њујорк кои одржаа протести и го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да не се меша во внатрешните проблеми во Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
Мадуро со сопругата Сесилија Флорес се повози со сопствениот автомобил во центарот на Каракас, а на социјалните мрежи објави и снимена порака.
Од Каракас праќам благодарност до народот на Њујорк кој излезе на улиците и го повика американскиот престедател Доналд Трамп да ги тргне рацете од Венецуела“, порача Мадуро.
Тој во пораката наведе дека излегол од претседателската палата Мирафлорес и се повозил низ центарот на Каракас за да види како живее неговиот народ.
„Народот е на улиците за да ја брани револуцијата и животот. Јас секогаш бев со народот“, порача Мадуро, и додаде дека ќе победи мирот.
Венецуела е погодена со протести од 10 јануари кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат по изборите кои ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, што го поддржаа САД и многу европски и латиноамерикански држави. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.