Tufan Aktaş
19 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
РОМБО
Во Килиманџаро, на северот на Танзанија, изгладнетите мајмуни почнаа да напаѓаат села, да крадат храна од локалните жители и да нанесуваат штета на земјоделските полиња, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мајмуните, чии живеалишта станаа ограничени поради уништувањето на шумите, ширењето на обработливите земјишта и рударските активности, влегоа во селата во регионот Ромбо во потрага по храна.
Присила Шајо, жителка на селото Киронго Саманга, рече дека мајмуните ги загрозуваат прехранбените производи бидејќи нанесуваат штета на полињата со банани, авокадо и пченка.
„Овие мајмуни се голема закана. Немаат чувство за страв и станаа многу агресивни кон луѓето“, истакна Шајо.
Некои семејства, поради претрпената штета престанаа да се занимаваат со земјоделство, а се случува и да мораат да се сокријат поради стравот од мајмуните.
Дамас Ндумбаро, танзанискиот министер за туризам и природни ресурси, изјави дека Владата се обидува да го реши проблемот со жителите на Ромбо.