Şenhan Bolelli
19 Ноември 2021•Ажурирај: 20 Ноември 2021
МАДРИД
Во Шпанија, каде што од летото значително беше намален бројот на заразени со коронавирусот, повторно почнува да расте бројот на нови случаи и смртни случаи поврзани со Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството за здравство на оваа земја, дневниот број на новозаразени, кој во последните три недели постепено се зголемува, достигна 6.315.
Министерството објави дека во текот на изминатиот ден од последиците на заразувањето со коронавирусот починале 29 лица.
Најголем пораст на нови случаи на заразување е забележан во регионите на Баскија и Навара во североисточниот дел на земјата.
Администрацијата на Баскија објави дека безбедноста од пандемијата не може да се гарантира и дека сите настани со масовно учество ќе бидат откажани. Таа, исто така, побара судска дозвола да го ограничи влезот во ресторани и забавни центри само со потврда за вакцинација.
Слични мерки се очекува да бидат преземени и во другите автономни региони каде што пандемијата е во пораст.
Во Шпанија, околу 79 отсто од населението примило две дози од вакцината против Ковид-19.