Ivana Ramadanova
28 Октомври 2016•Ажурирај: 29 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Здружението „Банка за храна“ денеска во Скопје ги претстави резултатите од истражувањето на состојбата со фрлањето храна од производствените капацитети, маркетите, дистрибутивните синџири – субјекти и угостителските објекти во Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите велат дека целта на овој проект е да се укаже на потребата вишокот храна да не се фрла и да се донира на хуманитарни организации, односно да дојде до гладните и сиромашните.
„Во Македонија, и покрај социјалната ситуација и присуството на сиромаштија, огромно количество храна завршува на депонија, односно на ѓубриште. Најмногу се фрла од маркетите, домаќинствата, а секако не изостануваат ни угостителските објекти, бидејќи термички обработена храна секогаш имало и ќе има, меѓутоа никогаш не може да се испланира до крај. Најмногу се фрлаат леб и лиснати производи, сувомеснати производи со истечен рок на траење“, истакна Душко Христов од здружението „Банка за храна“.
Според него, проектот има за цел да се поттикнат сите субјекти во општеството за одржливо менаџирање со храната, редуцирање на отпадот од храна, евентуално донирање на вишокот, како и потребата од граѓанско учество во процесите за намалување на сиромаштијата.
Истражувањето е реализирано во рамките на проектот „Храната за гладните, а не на депонија“, поддржан од „Цивика мобилитас“, програма за поддршка на граѓанското општество.