Hasan Tosun,Aşkın Kıyağan
27 Октомври 2016•Ажурирај: 28 Октомври 2016
ВИЕНА (АА) - Сѐ поголем е бројот на оние што сакаат да ја видат куќата на Адолф Хитлер во Австрија, пред таа да биде срушена, јавува Anadolu Agency (AA).
Куќата се наоѓа во Браунау ам Ин, австриски град со 18.000 жители.
Оливер Сoвa дојде од Германија за да ја види куќата, а нејзиното рушење не го смета за правилно.
„Во Нирнберг опстојува зградата на Конгресот што Хитлер ја користел. Сега се користи како музеј. Подобро да постојат објекти од ваков вид, бидејќи тие се предупредување од минатото“, смета Сoвa.
Од друга страна Стефан, кој не сакаше да го открие презимето, смета дека во земјата не треба да остане ништо што ќе потсетува на Хитлер.
„Ја одобрувам одлуката за рушење на куќата. Тука не сакаме ништо што ќе потсетува на Хитлер. Не сакам да се претвори во место на кое ќе се собираат фашистите“, истакна тој.
Населението на гратчето е поделено на оние што го одобруваат рушењето, но и оние што сакаат да остане како културно наследство.
Премиерот на Австрија, Волфганг Соботка, повтори дека куќата ќе биде национализирана и потоа ќе биде срушена. Веќе неколку години куќата стои празна, а пропаднаа досегашните обиди за договор со сопствениците околу продажбата. Австриската Влада работи на законот кој би овозможил национализирање на куќата. Се очекува нацрт-законот во наредните неколку дена да биде изнесен пред австрискиот Парламент.
Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер е роден на 20 април 1889 година, во Браунау ам Ин, а во куќата живеел до третата година.