Admir Fazlagic
31 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во текот на изминатата ноќ двеста и дваесет работници од фабриката „Леар" во технолошко развојната зона кај Тетово биле примени во болниците во Тетово и Гостивар откако според првичните информации, се затруле најверојатно од храна, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Клиничкиот центар Тетово за АА го потврдија наведениот случај соопштувајќи дека синоќа по 4:30 часот по полноќ биле примени работниците што биле трета смена на работа во фабриката „Леар". Од клиничкиот центар велат дека на примените работници им е укажана потребната лекарска помош и тие се пуштени на домашно лекување.
Според првичните информации, синоќа околу 1 часот била поделена вечерата на работниците што биле трета смена на работа во „Леар". По околу два часа од вкупно 264 работници колку што биле на работа, кај 220 од нив се појавиле првите симптоми на труење од храна - повраќање, болки во стомакот, вртоглавица и слично.
Екипи на полицијата извршиле увид во фабриката при што зеле примероци од храната и други траги за вештачење и работат на целосно расчистување на случајот.