свет

Зеленски: Трамп е „подготвен“ да ѝ осигури на Украина безбедносни гаранции

- Претседателите на САД и Украина и европските лидери одржаа онлајн состанок пред средбата Трамп-Путин на Алјаска

Burç Eruygur  | 13.08.2025 - Обновена : 13.08.2025
Зеленски: Трамп е „подготвен“ да ѝ осигури на Украина безбедносни гаранции

ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп изразил подготвеност да ѝ осигури на неговата земја безбедносни гаранции, известува Анадолу.

„Навистина мора да има сигурни безбедносни гаранции. Патем, денес претседателот Трамп зборуваше за својата поддршка за ова и за подготвеноста на Америка да учествува“, изјави Зеленски на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин.

За време на брифингот, одржан по видеоконференцијата на која учествуваа Зеленски, Трамп, Мерц и други европски лидери, претседателот на Украина рече дека се согласиле за пет заеднички принципи за завршување на војната во Украина, пред средбата меѓу Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин на Алјаска во петок.

Зеленски изрази надеж дека централна тема на средбата меѓу Трамп и Путин ќе биде итен прекин на огнот во Украина и потврди дека за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на неговата земја не може да се дискутира без да се земат предвид „нашата држава, нашиот народ, волјата на државата, волјата на нашиот народ и Уставот на Украина“.

Тој истакна дека санкциите мора да се зајакнат доколку Русија на Алјаска не се согласи со прекин на огнот, тврдејќи дека Путин „блефира“ кога вели дека санкциите кон Москва не функционираат.

Украинскиот претседател рече дека Трамп предложил да го контактираат по средбата на Алјаска со цел да ги утврдат „следните чекори“ по состанокот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.